Monday, September 24, 2012

КОШМАР 13-ТИ (Пролет/Лето 2012)




           Во септември се роди тринаесеттиот број на македонското хорор списание Кошмар. Покрај самата симболика со бројот на изданието Кошмар слави и четири години на постоење. Во таа чест, списанието подлегна на неколку промени со кои соодветно требаше да се симболизира овој премин. Списанието се зголеми за десет страници и сега вкупниот број на страници изнесува 50. Паралелно со тоа се зголеми и неговата цена – 80 денари, што повторно е под неговата вистинска вредност. За соодветно да се прослави неговата еволуција, направени се специјални интервјуа со најголемите и најзначајните хорор кралици на денешницата: Деби Рошон, Бјанка Барнет, Шенон Ларк, Јованка Вучковиќ, Силвија и Џен Соска - жени кои ги рушат сите стереотипи на жанрот. Вистинско богатство кое ќе им се допадне и на женските и на машките читатели на Кошмар. Покрај овие извонредни интервјуа со шесте прекрасни хорор режисерки и актерки, може да се прочитаат рецензии за најзначајните хорор филмови кои се појавија во периодот меѓу февруари и август оваа година, како што е одлично снимениот француски Livid, артистичкиот Beyond The Black Rainbow, The Divide на Ксавиер Генс, воениот Neprijatelj, готските The Moth Diaries и Woman In Black, американските Cabin In The Woods и Midnight Son и голем број на шпански, италијански и хорор филмови од Далечниот Исток. Како и секогаш списанието содржи и хорор комедии за кои вреди да се умре од смеа. Од класиците на хорор жанрот во овој број ќе може да се прочитаат анализи за Carrie на Брајан Де Палма, криминалистичкиот Angel Heart, Visitor Q на Такаши Мике, зомби комедијата Braindead на Питер Џексон, Twitch Of The Death Nerve на Марио Бава, It's Alive на Лери Коен - авторот чија филмографија е предмет на овој број и други. Серијалите за шокументарецот Faces Of Gore, Re-Animator, првата сезона на Fear Itself и Black Mirror исто така може да ги прочитате во овој број. Убиецот на овој број е Pennywise, а ќе може да го прочитате и продолжението на есејот за цензурата во хорор индустријата, како и текст за Хамер хорор продукцијата и фестивалски извештај за програмата на светските хорор фестивали и македонскиот Мракфест 1.666. Новитет во списанието е рубриката посветена на хорор стрипот и зголемен е бројот на рецензиите на хорор литературата, така што во овој број ќе може да прочитате анализа на дела на Марк Морис и Ѓорѓе Бајиќ, како и нов расказ на авторот на списанието. Музичките рецензии не се изоставени од 13-тиот тестамент на Кошмар. Овој број од списанието е испечатен на 50 страници со колор насловна страна и два црно-бели постери од Brain Dead и Beyond The Black Rainbow.
            Се надевам дека ќе ви се допадне овој број на Кошмар и ќе продолжите да го поддржувате излегувањето на ова списание со што ќе може да уживаме во нови изданија посветени на хорор културата во Македонија. Смрт за цензурата и политичката коректност. Да живее Кошмар 13-ти.          

Автор: Златко Ѓелески
Контакт мејл: koshmarmk@yahoo.com   
Контакт телефон: 071-602-119




No comments:

Post a Comment